Ние сме политички битија. Ние секој ден вежбаме политика, секој ден донесуваме политички одлуки. Нашиот живот секојдневно се состои од „политичарење“. Дали тоа е исправно или не, тоа секој си носи своја одлука. Важно е ние да работиме за доброто иако можеби нема да се согласуваме. Ако мислиме дека ни е потребен попис, пописот не е консензус, пописот е цензус и треба да знаеме точно за што зборуваме“, изјави директорот на „Дом на млади“, Штип, Горан Трајков, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“.
Трајков, истакна дека во целиот процес и младите забораваат на младите, а тие сакаат нешто друго.
„Многу е тешко младите да ги мотивирате да зборуваат, но кога ќе почнат, зборуваат многу отворено и знаат што сакаат. Сакаат едно општество во кое ќе бидат спокојни, во кое нема да се грижат дали некој нивните етникуми ги мрази или ќе бидат дел од некаква омраза. Сакаат мир. Изморени се веќе од политичките обиди на опозицијата или позицијата кој да победи во целата игра“, вели Трајков.
Преку примери Трајков укажа на тоа дека не се знаат потребите на младите, од аспект дали се потребни дополнителни факултети, градинки или не, дали и колку има потреба од вработување на млади лица итн.
„Велиме да почекаме со пописот, но малите деца од градинка не прашуваат, нив им требаат, тоа се нус појавите од тоа што немаме попис. Немаме реална ситуација како ние да постапуваме. Ние не знаеме какви и колку програмски содржини да направиме како за младите, така и за постарите генерации“, вели Трајков.
„Со пописот мислам дека премногу драматизираме и дека треба да оставиме пописот да се спроведува од стручните луѓе. Ако има некој сомнеж, откако ќе заврши процесот, а тоа е со факти проверливо, има простор да се направи нешто што во рамките на Законот е предвидено. Еве политичката партија ВМРО-ДПМНЕ вели дека граѓаните нема да пуштат влегување во домовите, а од друга страна собираат незаконски потписи против пописот и велат дека тоа е законоски, ги манипулираат граѓаните. Не е законски“, смета Трајков.
Трајков истакна дека од бројките не можеме политика да направиме и дека никој нема право на никого да му забрани да се попише.
Б. Ј.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети