„Морам да го пофалам напредокот кој беше направен во Република Северна Македонија досега. Таа беше мошне постојана во реформите особено благодарение на претходната влада. Потребно е од владата и сите други институции да ги имплементираат реформите и да продолжат со досегашната работа, а секако приоритет да се даде за новиот закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ке биде направено од сегашниот парламент и тоа ке биде мошне добар знак.
За крај и малку добри вести, побарав од Европскиот парламент да објави награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјата во искористувањето на европските фондови и овој предлог сега е во европскиот парламент, се надевам дека ќе добијам зелено светло и дека ќе се овласти исплатата па така ќе можете да планирате да ги инвестирате овие пари многу брзо„ истакна еврокомесарот Оливер Вархеји
Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската комисија минатата година кога на Европскиот совет му беше предочено итно и безусловно стартување на пристапните преговори. Препораката дојде како резултат на успешно спроведените реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи, кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност, рече Спасовски на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Вархеји.
Тој истакна дека земјата ја очекува најавената одлука во октомври минатата година, откако земјата направи се што се очекуваше за стар на преговорите, иако, како што рече доживеавме разочарување и прифативме дека стратешката грешка набрзо ќе биде исправена и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото, иако со одложување, пренесе МИА
-Програмата на новата ЕК е нова голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашата позиција како идни членки на Унијата. ЕК е наш сојузник во нашите настојувања за влез во ЕУ очекуваме да продолжат со новиот состав на ЕК, истакна Спасовски.
Премиерот потенцира дека е важно што ЕК по Европскиот совет во ноември 2019 ја презеде обврската и под водство на Вархеји најави дека до крајот на месецот ќе го претстави документот со предлог измените на методологијата за водење на преговорите.
-Северна Македонија е заинтересирана што побргу да се објави методологијата и се надева дека предлогот ќе ги задоволи очекувањата и барањата на Франција, но и ставовите на земјите-членки кои беа и останаа пријателски настроени кон проширувањето и немаа ништо против тоа да почне и во октомври минатата година. Наш интерес е да се избегнат нови несогласувања и да се постигне консензус час поскоро, рече тој.
Додаде дека за нас е клучно одобрувањето и носењето на новата методологија и на одлуката за почеток на преговорите да бидат одвоени, но комплементарни процеси.
Спасовски на средбата го информирал Вархеји за работата на техничката Влада и за активностите што се преземаат за организирање на фер демократски и слободни предвремени парламентарни избори.