Заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ за ЦИВИЛ Медиа вели дека техничката министерка Рахела Мизрахи самата потврди во каква катастрофална состојба нејзината партија ВМРО ДПМНЕ го остави Специјалниот завод Демир Капија велејќи: „На почетокот на владеењето на Социјалдемократскиот сојуз оваа установа имала 227 корисници со 41 негуватели. Тоа значи еден негувател секој ден се грижел за 6 корисници“.
Шкријељ појаснува дека со деинституционализацијата, фокусот го ставија на децата под 18 годишна возраст.
„На почетокот на мандатот институциите згрижуваа 180 деца, а денеска нема ни едно дете во институциите. Сите деца живеат во заедницата – во згрижувачки семејства или во мали групни домови, во средина најблиска на семејната. Кога на почетокот на мандатот, тогашната министерка Мила Царовска најави дека во земјава нема да има деца во институциите до крајот на 2020 година, многумина велеа дека тоа е „невозможна мисија“. Невозможната мисија ја остваривме една година пред рокот!
Ако зборуваме конкретно за Специјалниот завод Демир Капија, денеска во заводот се сместени 189 лица, за кои се грижат 40 негуватели. Денеска еден негувател се грижи за четири лица, а не за шест – состојба што ја затекнавме на почетокот од мандатот. Дополнително, сакам да истакнам дека 21 поранешен корисник на Специјалниот завод Демир Капија се сместени во пет групни домови, а за нив се грижат 22 негуватели и две стручни лица. Со досегашното спроведување на деинституционализацијата развивме модел на интензивна и индивидуализирана грижа за корисниците, токму како што посакува техничката министерка Мизрахи – „еден негувател на еден корисник“. Поради создавање на похумани услови за корисниците за периодот додека не се преместат да живеат во локалните заедници, во ноември минатата година започнавме реконструкција, односно санација на сите објекти каде моментално има сместени корисници, во вредност од 10,5 милиони денари.
Единствено заради негрижата од единаесет годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ и комплетната игнорирањето на оваа категорија на лица, во изминативе две и половина години силно го интензивиравме процесот на деинституционализација. Од вкупно 482 корисници кои беа сместени и заборавени во шесте резиденцијални социјални институции во земјава, денеска во институциите живеат 267 лица, што претставува намалување за повеќе од 44 отсто“, додава Шкријељ.
Дехран Муратов