Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски и претседателот на Комисијата за надворешни работи на СДСМ, Едмонд Адеми, денеска се сретна со Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на Северна Македонија и ЕУ.
На средбата Заев се осврна на актуелната состојба во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ.
„Со внимание ги следиме пораките од официјалните претставници на ЕУ, пред три ден имавме позитивна средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји кои упати позитивни пораки околу процесот на проширување на ЕУ. И покрај историската грешка на ЕУ, не губиме надеж. Веруваме дека во наредниот период преку отпочнување на преговорите, ќе се оствари клучниот чекор кон реализација на нашата стратешка цел – членство во ЕУ. Започнувањето на преговори со ЕУ освен што ќе значи исправање на историската грешка, ќе биде и дополнителен мотив, уште позасилено да продолжиме со реформите“, истакна Заев.
Осврнувајќи се на процесот на изборите и функционирањето на предоната влада, претседателот Заев посочи дека институциите и преодната Влада се подготвени да спроведат чисти, фер и демократски избори, а СДСМ е подготвен за избори.
„Преодната Владата солгласно пржинскиот модел функционира добро и е ставена во функција на организирање на фер и слободни избори. СДСМ е подготвена за избори. Течат финалните подготовки за Програмата, се креираат решенија во интерес на граѓаните. На овие избори СДСМ ќе покаже дека суштински е за целосна родова рамноправност, на парламентарните избори ќе сведочиме на 50 отсто застапеност на жените на листите за пратеници“, заклучи претседателот Заев.
Од страна на европратеникот Шидер беше поздравен напредокот што Република Северна Македонија го направи во последните две и пол години и одново беше реафирмирана поддршката што Европскиот парламент, а особено групата на Социјалисти и демократи ја даваат на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграција.