Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција, изјави дека во деновите до почетокот на изборите и за време на изборите, засилено ќе ги следат сите информации кои се објавуваат во медиумите, но и на сите останати начини кои ќе пристигнуваат до нив и дека доколку постои и најмал сомнеж за основно коруптивно однесување, ќе отворат постапки по „допрен глас“, со цел да се испита постапувањето и работењето на политичките партии, како и сите избрани и именувани функционери.
„Исто така ја известуваме јавноста дека на веб страницата на ДКСК повторно ќе биде активирана формата за пријавување на сомневања за незаконитости и прекршувања во изборниот процес и во изборната кампања на предвремените парламентарни избори, која ќе може да ја пополни секој кој има сознание за евентуални прекршувања на одредбите од Изборниот законик за забрана на употреба на буџетски средства, односно забранети дејствија на јавните институции од денот на распишување на изборите, како и во текот на изборната кампања на предвремените парламентарни избори“, истакна Ивановска.
Ивановска додаде дека ќе биде поставена и ажурирана веб апликација Регистар на возила на државни органи, локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица, кои располагаат со државен капитал и од самиот регистар секој ќе може да пребара возила по институција и регистарски таблици.
„Доколку има сознание за злоупотреба на истите, секој ќе може да пријави сомневање на злоупотреба до ДКСК“, вели Ивановска.
ДКСК ги потсети државните институции на почитување не само на законските норми од Изборниот законик и други закони што го регулираат изборниот процес, туку и да внимаваат на начелата на добро управување и интегритетот, кои влијаат на легитимитетот на севкупниот изборен процес.
Ивановска истакна дека по утврдувањето на датумот на предвремените парламентарни избори, сведоци се на сè помасовно објавување на огласи за вработување во месец јануари, што иако не е ограничено со Изборниот закои и ЗКССИ, сепак според нив остава простор за сомневање дека се врши влијание врз гласачкото тело.
Ангела Петровска
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА