пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
За секој криминал од минатото на партијата што ја води, Мицкоски вели – прашајте го Груевски.
Тука е проблемот Мицкоски. Цела деценија додека беше на власт Груевски, ниту тој, ниту ти, ниту било кој од партијата на Фамилијата не излегувавте на дебати, за да може да ве праша човек нешто.
Сега ти прашуваш. Дебатираш со Заев неколкупати во овие две-три години. А сѐ уште не сакаш да бидеш прашан. За нешто, во што и самиот си учествувал – криминалната власт на Груевски, спојувањето на државата со партијата, мвро-вмро, што нѐ доведе до „заробената држава“ и „хибриден режим“.
А, кого друг да прашаме, Мицкоски? Оној што ви е почесен претседател, оној што избега од одговорноста, како што бегаше од дебати со години? Или тебе, кој немаш храброст да расчистиш со тоа криминално минато?
Додека немаш храброст да го сториш тоа, јавноста ќе те смета за лицемер, а не лидер. И, ќе те прашува. Оти збоктисано им е на луѓето од апологети на криминалот, на сите анкети најмногу од тоа се жалат, од криминалот, корупцијата, немањето правда. Сѐ додека не станеш свесен за тоа, ќе бидеш обичен намесник на Груевски, негова маша, и ништо повеќе!