„Нам ни треба да покажеме лидерство пред граѓаните. Има луѓе кои се одговорни за ситуацијата и во опозицијата, но некои од раководствата на партиите, иако излегуваат и тврдат дека ги поддржуваат мерките на Владата, сепак, нудат некакви тимови за интервенција. Тимовите задолжени за ситуацијата може да се најдат исклучиво во болниците, не постојат партиски лекарски тимови. Ова не е вирус за едни или за други, не постои партиски вирус, тој е опасен за сите нас подеднакво“ – коментираше Спасовски, во врска со најавите на некои партии, пред сѐ, ВМРО-ДПМНЕ, дека тие имаат свои медицински екипи кои може да интервенираат.
„Да ги почитуваме институциите, а преку нив и граѓаните. Здравјето и животот се поважни од секоја политичка одлука и од секоја политичка цел. Затоа, на лидерската средба зборувавме сите, а потоа зборував и на телефон со сите лидери на партии. До 22 март, партиите ги ставаат под мораториум сите активности за изборите и тоа треба да се испочитува. Пораката на политичките лидери која треба да ја испраќаме деновиве е порака на одговорност, порака која треба да ја следат следбениците на партиите, за да донесеме подобра иднина со надминување на оваа состојба. Секој аспект од кризата мора да се цени и во рамки на тоа да се носат одлуки за изборите и за другите прашања. Ако граѓаните и животот се најважни, тогаш чија и која политичка цел може да биде поважна?“- праша Спасовски.