Поранешната директорка на Државниот музички училишен центар ,,Сергеј Михајлов,“ од Штип на социјалните мрежи сподели објава во која тврди дека годинава овој Центар ќе има само 34 ученици и дека како резултат на лошото менаџирање како училиште изгубиле цел еден клас. За истото, директно го обвини лошото менаџирање на актуелниот директор и како што истата вели на сегашната власт.
Поранешната директорка од ДМУЦ „Сергеј Михајлов,“ која во моментот е и наставник по историја на уметност во истиот Центар, наместо да споделува непроверени информации на социјалните мрежи, имала можност да се правилно информира на своето работно место. Но, и покрај тоа намерно или ненамерно решила да ги пласира овие информации пред своите ученици и јавноста.
По повод објавата на наставничката од страна на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ веднаш беше демантирана лажната вест, апелирајќи до сите граѓани да не подлегнуваат на манипулации и да се информираат на вистинските места.
„Со оглед на тоа дека протече една лажна (но ниту прва ни последна од тој тип) информација на социјалните мрежи ние како Државна образовна институција сме должни да ја изнесеме Вистината!
За учебната 2020/2021 година Министерството за образование и наука ни обезбеди Две Паралелки, една музичар изведувач и една музичар теоретичар, вкупно 68 ученика
Апел од нас до Вас…
Отворени сме секогаш за било што и да ве интересира поврзано со ДМУЦ„Сергеј Михајлов“,
Не дозволувајте манипулации!”, напишаа на својот Фејсбук профил од Центарот.
По повод лажните вести на социјалните мрежи за ЦИВИЛ Медиа своја изјава даде и Горан Кавраков директорот на ДМУЦ ,, Сергеј Михајлов,, кој директно беше повикан во објавата како лош менаџер со цел во јавноста да ја сподели вистината во врска со бројот на ученици за учебната 2020/2021.
,,Еден апел до сите нас , до сите вас. Да бидеме добар пример за нашите ученици, да не шириме лажни вести и дезинформации. Да се информираме на време и на вистинските места, а колективот на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ е отворен 24 часа за комуникација. Останете дома и останете во добро здравје“, истакна Кавраков
Очигледно наставничката објавила фотографија од стар конкурс на Министерството за образование и наука, а по демантот и објавувањето на фотографијата од актуелниот конкурс , нејзината објава беше избришана од нејзиниот Фејсбук профил без корекција и дополнително објаснување.