Министерството за внатрешни работи утре ќе поднесе кривична пријава против против едно лице, кое и покрај изјавата дека ќе биде во самоизолација, се сретнал со многу луѓе и ги заразил со коронавирусот Ковид-19.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, нагласувајќи дека осомничениот Ф.К. не почитувајќи ги правните прописи за време на епидемијата од заразна болест извршил кривично дело со кршење на прописи и наредби.
– Осомничениот на 8 март околу 13 минути по полноќ направил влез на ГП Табановце според правните прописи и истиот веднаш од здравствена екипа на Институт за јавно здравје е известен и информиран за одлуките на Владата дека е прогласена епидемија од КОВИД-19. И истиот е обврзан да биде во самоизолација со давање на своерачна изјава каде е дозволена самоизолацијата. Осомничениот наместо да ги почитува насоките за самоизолација се однесувал спротивно на одлуките претходно донесени од Владата со што го прекршил Кривичниот законик. Тој во континуитет остварувал средби со неговите родители, братот, неговата пријателка, остварувал и средби во фирмата, а подоцна продолжува и со своето непридржување кон самоизолацијата, истакна Петровска.
Таа информираше дека полицајците од ПС Карпош разговарале со обвинетиот при што тој изјавил дека не патувал во изминатиот период и со тоа дал лажен исказ дека немал остварено влез и излез во нашата земја.
– Накратко, лицето Ф.К. не придржувајќи се до прописите за време на епидемија постапувајќи несовесно и неодговорно заразил повеќе лица и со тоа допринел за ширењето на епидемијата, рече Петровска.
Земеничката на министерот на МВР дополнително информираше дека полицијата располага со информации дека дозволите кои се издаваат од приватните компании кои се регистрирани за работа во ноќна смена се злоупотребуваат и дека полицијата ќе спроведе истрага.
– Доколку постои макар еден случај на злоупотреба ќе постапиме крајно рестриктивно и ќе ги примениме сите мерки кои стојат на располагање на полицијата. Нема да се двоумиме тие лица да ги лишиме од слобода, да побараме притвор и затворски казни за евентуалните сторители. Доколку се утврди злоупотреба ќе побараме ограничување или одземање на ова право на таа фирма која ја сторила злоупотребата, а лицата кои го сториле тоа ќе ги гониме за кривично дело, нагласи Петровска.
Таа нагласи дека недозволиво е поединци, несовесни и неодговорни да се обидуваат да ги изиграат институциите и порача дека тие ќе го добијат одговорот од овие институции.