Групата „Штип арт активисти“ спроведоа акција во Штип, поставувајќи супер-херои на повеќе локации во градот со цел на јасен визуелен начин да ги споредат сограѓаните со холивудските супер-херои, и на тој начин да се охрабрат да ги почитуваат мерките.
„Во време на активна и секојдневна борба со COVID-19, нашите вистински супер-херои и супер-хероини се всушност околу нас – здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите оние кои се на своето работно место секојдневно, за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитиме и себеси и нашите семејства.
Нивната макотрпна работа во ова време – невреме, заслужува максимална поддршка од сите граѓани, на секој можен начин кој ќе им помогне и ќе им ја олесни работата. Затоа, ние како локални активисти ја направивме оваа акција со која укажуваме да се почитуваат препораките и мерките кои се донесени од страна на Министерството за здравство. Акцијата се однесува на мерките како што е растојанието кое треба да го одржуваме, правото на користење на годишен одмор и мерките кои треба да ги преземат работодавачите и превозниците за спречување на ширење на COVID-19.
Во оваа, како и во претходните акции на Штип арт активисти, ги искористивме хероите на Марвел, познатите Хулк, Тор и Капетан Америка. Сакавме пред сè на недвосмислен и јасен визуелен начин да ги споредиме нашите сограѓани со холивудските супер-херои, и на тој начин да ги охрабриме да ги почитуваат мерките. Со оваа споредба сакавме да ги потсетиме штипјани дека единствено со почитување на мерките сите ние можеме да сме супер-херои, да дадеме свој придонес, и на тој начин да искажеме благодарност до нашите здравствени работници, полицајците, пожарникарите, војниците, вработените во маркетите и текстилните работници/чки за нивната пожртвувана работа.
Изразуваме благодарност и до здружението Гласен Текстилец, кое работи на унапредување на правата на текстилните работници/чки, што ни овозможи да ја вклучиме и нивната хероина Супер Текстилка во акцијата, за да укажеме на правата на вработените во големите хали. Текстилните работници/чки од нашиот град се оние кои во моментов ги изработуваат маските кои служат за превентива на сите граѓани, а со нашата акција потсетуваме дека во овој период, тие се оние на кои им е најпотребна дополнителна заштита и превентивни мерки.
Се надеваме дека нашата основна порака “Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!” ќе стигне до нашите сограѓани и ќе успееме што поскоро, со заеднички сили, да излеземе од оваа здравствена криза во која се наоѓаме во моментот„ напишаа од групата
Почитувани, Во време на активна и секојдневна борба со COVID-19, нашите вистински супер-херои и супер-хероини се…
Gepostet von Штип Арт Активизам am Donnerstag, 16. April 2020