На социјалните мрежи преку видео обраќање, граѓанин од Штип упати апел до министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за преземање мерки и расчистување на случај за кој тврди дека полициски службеник ја злоупотребил својата службена должност и употребил прекумерна сила кон него и неговото семејство.
Според кажувањето на лицето, додека тој со неговото семејство седел во сопствениот двор, полициски службеници влегле кај него, а еден од нив се однесувал насилнички и непристојно. Сето тоа се случувало пред очите на неговото семејство и неговите деца. Во еден момент полицискиот службеник дури посегнал и по неговиот пиштол.
Лицето кое го објави видеото тврди дека полицискиот службеник кој грубо се однесувал кон него, не е од Штип и можеби е припадник на друга полициска единица непозната за него, судејќи по различните униформи.
Со видео обраќање граѓанинот од Штип бара јавно извинување од полицискиот службеник и расчистување на случајот од министерот Чулев.
,,Ако некој пратил полицајци да влегуваат по куќите на Ромите и ако некој не излезе да го реши ова, да знаете дека од четврток за Ромите карантин нема да важи, сите Роми по улиците ќе бидеме” вели граѓанинот во видео обраќањето.
,,Овие полицајци не се од Штип, мене ме знаат сите во Штип и јас ги знам. Они вака не се однесуваат“, вели лицето.
Истиот тврди дека полицискиот службеник грубо се однесувал и спрема останатите полициски службеници кои биле присутни таму и според неговото однесување истиот влегол со некаква непозната намера за него, бидејќи немало причина ниту за таква интервенција ниту пак за таков однос.
Во однос на конкретниот случај, ЦИВИЛ Медиа се обрати до Министерството за внатрешни работи и побара одговор за тоа дали МВР е запознаен со настанот, за што станува збор во конкретниот случај и дали се преземаат мерки за негово расчистување.
„Ве известуваме дека за настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, отпочнато е со проверки и се работи на целосно расчистување на случајот“, одговорија од МВР.
Лицето кое го објави видеото, доби голема поддршка и од останатите граѓани. Видеото има голем број споделувања и коментари со поддршка преку кои сите упатија порака за солидарност кон нивниот сограѓанин.
С. М. Живкова