Денес во Клиничка Болница Штип, директорот Ален Георгиев заедно со доктор Сашко Николов одржаа прес конференција во однос на работата на Oдделот за интервентна кардиологија.
Доктор Сашко Николов на денешната прес конференција соопшти дека особено е горд на својот тим со кој работи сите овие години на одделот. Истакна дека во овие две години буџетот за одделот е дуплиран и како резултат на тоа се набавени и дополнителни стентови, а се планира набавка и на уште повеќе. Ова е важно поради тоа што е создадена можност за поголем опфат на пациенти на кои им е потребна интервенција, а моментално бројката е зголемена за 30%.
„И во услови на пандемија, во тешки работни услови додека паралелно се боревме со пандемијата, одделот работеше со полн капацитет и сите пациенти добија навремена стручна поддршка. Во текот на овие два месеци се направени по 40 стенирања месечно, на пациенти кои 90 % од нив беа со срцев инфаркт“ додаде Николов.
Покрај ова, доктор Сашко Николов истакна дека во рамките на одделението функционира и Кардиолошка амбуланта која е отворена за пациентите од понеделник до петок каде што истите можат да добијат соодветна терапија, преглед и консултација.
Николов кој е и кандидат за пратеник на листата на СДСМ во ИЕ3 , на новинарско прашање за тоа како ќе функционира ова одделение доколку тој биде избран за пратеник одговори:
„Јас во 2014 година имав идеја да основам Оддел за интервента кардиологија во кој ќе работи цел тим, а нема да зависи само од еден човек. Во изминатите години константно вршев обука и едукација на мојот тим со што двајца мои колеги веќе се спремни и самостојно работат, извршена е соодветна обука и едукација и на сите медицински сестри и целиот мој тим, кој ќе продолжи да го движи одделението .
Мојот став исто така е дека ни се неопходни избори, кои доколку се случат и долку јас станам дел од пратеничкиот состав, во рамките на законот ќе продолжам да работам како доктор на моите пациенти, и ќе се враќам два пати во неделата на моето одделение бесплатно да ги прегледувам и да и давам соодветна докторска грижа на моите пациенти.“
Симона М Живкова