„ЈЗУ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ – ШТИП уште еднаш апелира и ја задолжува јавноста да ги почитува мерките!
Состојбата со пандемијата не погодува сите, па така и најмладите. Меѓутоа и другарувањето на отворен простор мора и треба да има свои ограничувања. Задолжително треба да се избегнува групирањето во групи поголеми од две лица, носењето на заштитна маска е задолжително и на отворено кога не е возможно да се одржи потребната физичка дистанца од 1,5 до 2 метри. Одржувањето на хигиената на рацете и личната хигиена е од клучно значење за заштита од овој вирус.
Имено, поради забележаниот пораст на помлади лица и деца заболени од Коронавирус (COVID-19), како и континуираниот раст на заболени во општата популација, не можеме а да не упатиме апел и потсетување дека и децата се изложени на ризик. Иако симптомите кај децата можат да бидат поблаги, сепак тоа секогаш не е правило, а истите се најчести преносители на вирусот!
Вирусот е присутен и ќе биде уште долго доколку не се придржуваме кон мерките за заштита. Затоа, не можеме и не смееме да продолжиме да се однесуваме како да не не’ засега. Мораме да вложиме голем напор и труд, да бидеме кооперативни и дисциплинирани!
Прилагодувањето на новите услови на живот кои се рестриктивни за сите, е навистина тешко, но е од големо значење за да го спречиме ширењето на вирусот!
Ве задолжуваме безусловно да ги почитувате мерките!“ истакнаа од ЦЈЗ Штип
Реакцијата на Центарот за јавно здравје доаѓа откако денес во Штип се евидентирани уште 14 ново заболени од ковид 19.