Штипскиот кризен штаб одржа состанок по денешното објавување на новозазрените текстилни работнички и две деца. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски вели дека по масовното тестирање во конфекцијата, од каде што почна да се шири вирусот, но и на работниците од други конфекции кои се превзеувале во истите автобуси се очекувале вакви бројки и смета дека наредните денови ќе се намалува нивниот број.
–Ние сега практично ги очекуваме резултатите од тестирањата кои се случија во претходните неколку дена од таа текстилна компанија, каде што и за очекување е да имаме неколку позитивни случаи. Како кризен штаб презедовме низа на мерки, направивме дезинфекции пред конфекциите, амбулантите, а денеска продолжуваме со миење на улиците и дезинфекција на детските игралишта, вели Бочварски.
Тој побара од страна на работничките и новозаразените да бидат искрени и да ги кажат сите контакти, со цел побрзо да се затвори кругот на ширењето на вирусот.
Во моментот во Штип во самоизолација се 170 граѓани, но, тоа е далеку од бројката од 270 лица кои беа во домашен карантин во текот на првиот бран. На Инфективно одделение се хоспитализирани 15 лица, а веројатно ќе бидат примени уште две пациентки со средно тешко клиничка слика.
– Капацитетите во одделението не се пополнети, но имаме и план Б. Во клиничка болница, доколку се пополнат, имаме резервни простории каде ќе можат да се сместуваат пациенти, но јас се надевам дека нема да дојде до тоа, вели Бочварски.