„Национализмот ги погаѓа најсиромашните, ги погаѓа најмногу работниците. Иронијата е што токму тие што се најмногу погодени до него се истите што најмногу подржуваат“, вели Бранимир Јовановиќ во интервјуото во рамки на Граѓанскиот форум на ЦИВИЛ на тема „Национализам“.
„Тие се први што гласаат за партии што пласираат такви програми за време на изборите. Сме го виделе многу пати ова низ историјата, секаде низ светот, не само кај нас. Но, последниве избори кај нас можевме да го видиме, затоа што, според мене, најголем победник е национализмот. Ако го погледнеме албанскиот блок, победи ДУИ, кои, ако не се лажам, добија 5 пратеника повеќе од минатите избори на една платформа која беше националистичка со заговарање на премиер кој не е стручен, односно не да се бира премиер според неговата стручност и способност и квалитети, тоа што тој го нуди на општеството, туку да бираме премиер според тоа која е неговата етничка припадност. И тоа е националистичка понуда, но освоија и 20.000 гласачи повеќе од минатите избори со намалена излезност. Споредбено со претходните избори, најголем губитник во таа арена е СДСМ, која тогаш во изборна единица 6 имаше самата 25.000 гласа, а сега во коалиција со Беса има толку гласови. Значи ги изгубија гласовите и од нив најмногу отидоа кај ДУИ. Зошто се случи тоа? Затоа што луѓето се разочараа од она што беше ветено, а не се реализира. СДСМ најмногу ветуваше едно општество за сите, правда за сите, ќе расчистиме со криминалите, ќе ги затвориме, мафија на робија, социјална правда, ќе им дадеме на сиромашните, ќе се справиме со тајкуните, со богаташите, а од сето тоа реализираа многу малку. Во таква ситуација луѓето се разочаруваат, а тоа се пред сè сиромашните и работнците. Кога тие ќе се разочараат во партија што им ветувала такви вредности се свртуваат дијаметрално спротивно и гласаат, бираат национализам“, изјави Јовановиќ.
Јовановиќ вели дека успехот на Левица на овие избори се должи, исто така, на национализам, однсоно ветувањето за враќање на името и укинување на двојазичноста, справување со великоалбанскиот национализам… Како што објасни Јовановиќ, причината за 37.000 гласови на Левица се должи на разочарувањето во СДСМ од граѓаните.
„Има една изрека која често ја употребуваме, а тоа е: Ако луѓето немаат леб да јадат, дајте им национализам. И тоа се должи што партиите на луѓе што немаат леб да јадат им ветуваа токму тоа, леб, поголеми права поголеми плати, повисока социјална помош и сл. Сега тие партии ги снема, односно или не ги исполнија ветувањата или ги заборавија, па во таква ситуација просперираа десничарите што ветуваат преку националистчки пароли. Луѓето свесно бираат да се лажат и трујат со национализам, можеби и свесно, но го прават затоа што немаат леб и никој не им го нуди“, смета Јовановиќ.
На прашањето зошто луѓето не бираат нешто друго како револт од неостварените ветувања, зошто првата нишка им е национализмот, а не нешто друго за обезбедување леб и подобар животен стандард, Јовановиќ вели дека немаше вистинска левичарска опција на овие избори, со тоа луѓето немале ниту избор, па национализмот доаѓа како последица.
„На овие избори немавме партија која кажа: Ние народот ќе се побуниме против богатите кои не крадат. А сите добро знаеме дека имаме највисока стапка на сиромаштија во Европа, највисока стапка на невработеност, највисока стапка на социјални разлики и имаме најниски даноци, аи маме и богати кои плаќаат пониски даноци од сите останати. И сите тоа добро го знаеме, но немаше ниту една партија која тоа го кажа, ние сме сиромашни затоа што богатите не крадат. И затоа кај десничарите имате ние народот или во македонскиот блок, ние Македонците ќе се бориме против великоалбанскиот национализам, не велат против Албанците што би било апла национализам, тоа секогаш е така. И Хитлер истото го викал, не рекол ние ќе ја нападнеме Полска, тука таа нас не напаѓа и ние се браниме. Секогаш е таа реторика. Тоа е тој десничарски популизам кој вели ние народот ќе се бориме против тој непријател, што секогаш е низ етничка призма, а немате некој што ќе каже ние народот ќе се бориме против богатиот, и нормално дека луѓето го бираат тоа што им се нуди“, смета Јовановиќ.
Со Јовановиќ ја отворивме и темата за преговорите за членство во ЕУ, кога моменталната политичкиа состојба ја има во придружба и националистичката реторика.
„Ние се наоѓаме во моментот во огромна криза, можеби најголемата по Втората светска војна, и тоа целиот свет, не само ние… Новата влада ќе се соочи со тешки економски проблеми, а да не го зсборавиме и здравствениот аспект на кризат. Сите зборуваат за следен бран на Ковид-19 и уште поголем број на новозаразени случаи. Никој не може да предвиди колку ќе биде тоа страшно, дали имаме доволно капацитети да се справиме со тоа… реални да бидеме барем во првата половина од првата година оваа Влада нема да може да работи скоро ништо и ќе гледа само како да ја преброди оваа криза, па дури од средината на наредната година ќе можеме да зборуваме и за ЕУ и за други проблеми. Сега на краток рок наредната влада ќе мора да мисли само на Ковид-19 кризата ин а ништо друго. Сè друго треба да се заборави. Не само владата, туку ниту една политичка партија или експерт, малку претерувам, карикирам за да ја доловам суштината, не смее да збори ништо друго освен корона кризата затоа што тоа е главниот кризен проблем со кој ние сите треба да се соочиме како општество. Треба да се заборави на добивање политички поени на база на криза. Поентата ми е дека наредната влда ќе има многу тешка работа не ќе може да се фокусира на некои поголеми, а суштински реформи, туку ќе мора да гледа како да ја преброди и да ја пребороди корона кризата, успешно и релативно мирно, а веќе од наредната година да се почне со посуштиниски реформи“, изјави Јовановиќ.
Јовановиќ смета дека треба да се воспостават контурите на нов систем на владеење, со оглед на трулиот капитализам што владее во светот, а тие би биле пред сè грижа за обичниот човек, за сиромашните, за работниците, а не за бизнисмените, милјардерите и други. Јовановиќ вели дека во оваа криза ние кај нас го видовме токму тоа со примерот со формирање економски совет за справување со кризата кој го сочинуваа претставници на неколку стопански комори во државата, неколку бизнисмени, а ниту еден претставник на синдикат., ниту економист кој се залага за работниците и сиромашните.
„Мора да се направат и други системски промени… Здравството, образованието, кое ни е никакво и сите знаеме дека една од причините е што не се вложува во него, ќе дојде студено време, ќе видиме загаденост, а Владата ништо ненаправи за тоа, ќе видиме бројни општествени проблеми кои во крајна мера се сведуваат на повеќе пари, на повеќе вложувања од државата, а имаме најмал државен буџет во Европа. И нормално дека не може да се очекува инвестирање во квалитетно здравство, образование, против загадување, култура… а, од друга страна имаме најголем процент на богати во цела Европа. Значи најбогатите 1% од луѓето во Македонија заработуваат 14% од вкупниот национален доход, односно 14 пати повеќе отколку што просечно заработува еден човек. Пример е поскапувањето на струјата. Никој нормален во оваа криза не поскапува струја, нашите „паметњаковиќи“ решија да ја поскапат за ич ништо“, вели Јовановиќ.
Биљана Јордановска
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА