Во 2020 година се одбележува 20-годишнината од усвојувањето на Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговија со луѓе, особено жени и деца, како дополнување на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационален организиран криминал. Годишнината претставува важна пресвртница во поновата историја и ги обновува напорите на меѓународната заедница за искоренување на такво злосторство без граници.
Државите сè уште се соочуваат со предизвици во правилното идентификување на жртвите на трговија со луѓе, обезбедување на нив соодветна помош, гонење на сторителите и мерење на целокупното влијание на ваквите активности. Набљудувањата покажуваат дека ова е особено тешко во случаи на трговија со луѓе заради трудова експлоатација.
По повод Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе денеска ќе се одржи онлајн дебата „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија”, на која ќе се обрати државната секретарка и Национална координаторка за борба против трговија со луѓе Магдалена Несторовска.
На дебатата најавено е учество новинари, претставници на медиумите и граѓанското општество.
Настанот е организиран во заедничката акција на Европската Унија и Советот на Европа за „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија”, во соработка со Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и со учество на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика.
За време на овој настан, новинари, дописници и претставници на медиумите ќе имаат можност да слушнат и да разменат мислења во однос на институционалната рамка за спречување и борба против трговијата со луѓе и начинот на кој може да се подобри медиумското известување за случаи на трговија со луѓе.
Оваа активност е организирана во рамки на програмата „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022″ , ко-финансирана од страна на Европската унија и Советот на Европа, а имплементирана од страна на Советот на Европа.