На социјалните мрежи вчера се појави видео во кое во присуство и по насоки од градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, камиони од компанијата „Гранит“ истураа градежен материјал пред влезот на приватна компанија за технички преглед „Автовозач ФЕР“. Видеото и фотографии од настанот ги објави сопственикот на приватна фирма на неговиот профил Дмитар Пантовик. Тој тврди дека градоначалникот на Општина Делчево блокира приватна фирма на место каде што нема одобрение, но дека градоначалникот сака да се одмазди затоа што сопствениците на фирмата го пријавиле градоначалникот во ДКСК поради незаконско бришење на деталниот урбанистички план.
Kako gradonacalnik na opstina Delcevo blokira privatna firma so odpaden sut na mesto kaj sto nema odobrenie.Gradot vo…
Gepostet von Pantovik Dmitar am Samstag, 31. August 2019
Се обидовме да добиеме објаснување за случајот и од градоначалникот на Општина Делчево кој за ЦИВИЛ Медиа изјави:
„Просторот каде што е истурен материјалот е јавно земјиште во сопственост на РСМ. Тој материјал е однесен таму за многу краток период и е наменет за санација на селските патишта во околните села, кој и за тоа ќе биде употребен. Сопственикот на фирмата има сообраќајно решение за влез од другата страна, објавениот документ од деталниот урбанистички план е неважечки. Но, мојата цел како градоначалник не е да нанесам штета некому, туку да ги спроведам планирате активности за санација на патиштата.“
Сопственикот на фирмата во краткиот разговор ни кажа само дека нема ништо повеќе да додаде. „Штетата е веќе направена и стресот на мојата фамилија нанесен“.
За коментар го контактиравме и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој изјави: „Некој треба да ја плати оваа штета. Транспортот, утоварот и истоварот чинат пари. Стресот и траумата на оштетеното семејство немаат цена. За време на викенд, по папучи, бермуди и стара маица, некој се дрзнува да дели своја правда од позиција на градоначалник со груба злоупотреба на јавни ресурси. Никој не спомнува одлука, судски налог, пресуда, било што… Иако изгледа како маалска питореска, оваа ситуација мора да има политичка и правна разрешница веднаш. Јас верувам дека институциите и партијата што го кандидирала Трајковски за градоначалник ќе испорачаат брза и коректна реакција.“
Во моментов, во Делчево е тивко, како и секоја неделна вечер. Нема детали дали градежниот материјал е отстранет, по чија наредба, со кои трошоци. Според изјавите на неколку граѓани, градежниот шут беше отстранет од приодот до фирмата на Дмитар во текот на денешниот ден. За сега, тоа е епилогот од оваа локална викенд драма што доби пошироки размери, благодарение на социјалните мрежи.
Симона М. Живкова