Општините Штип и Пласница вчера (13 декември 2020 година) беа во центарот на вниманието, односно сите очи беа вперени како ќе се одвива гласањето за избор на нов градоначалник.
Особено беше интересно во Штип каде што на овие предвремени локални избори, официјално се бореа 5 кандидати и неофицијално се бореше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која не настапи со свој кандидат, меѓутоа жестоко настапи со неофицијална кампања за бојкот на изборите.
На терен можеше да се забележи дека пред секое избирачко место имаше полиција, на влезовите беа поставени средства за дезинфекција на рацете и воглавно се почитуваа мерките за одржување на дистанцата при гласањето. Исто така екипата на ЦИВИЛ забележа дека во најголемиот дел на гласачките места нема пристап за лицата со попреченост, за да може да си го остварат правото на глас.
Во текот на ноќта за време на изборниот молк на неколку избирачки места осамнаа графити на СДСМ, кои беа избишани пред почетокот на гласањето од избирачките одбори. Истовремено осамнаа и графити за „бојкот на корона избори“ како и расфрлени флаери со црна пропаганда.
Од улицата, кампањата за „бојкот на изборите“ се префрли на социјалните мрежи, каде што доминираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов (меѓу штипјани се зборуваше дека тој требаше да биде кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ). Можеби „несудениот кандидат за градоначалник“ ќе беше „победник“ на овие избори ако немаше цензус, ама…
Изборите завршија точно во 19 часот. По само неколку минути по затварање на избирачките места, членовите на СДСМ означија победа и се упатија кон плоштадот во Штип за да прослават, без да ги почекаат официјалните резултати на Државната изборна комисија.
Подоцна ДИК ги објави резултатите од гласањето, со што ја потврди победата на доктор Сашко Николов кој освои околу 80 отсто од гласовите.
Дехран Муратов
камера и монтажа: Ариан Мехмети