Обвинетиот Орце Камчев не одговара за давање награда поради тоа што ЈО така одлучило.
И покрај тоа што Орце Камчев од домашен притвор каде што слободно користи телефон, остварува средби и има реална можност да го пријави поткупот за да можат соодветно да се бележат парите и да се спречи натамошното противправно делување, сепак, тој соработува со лицето кое ја прима наградата и истиот остварува корист како резултат на дадената награда, односно е пуштен од притвор. Сето ова се случува во периодот февруари – март, а предистражна постапка за рекетот започнува на почетокот на мај. Што значи дека Орце малку задоцнил со пријавувањето…
Во периодот кога ја давал наградата и преговарал со Боки 13 за противзаконитото влијание тој се вади на тоа дека немал каде да пријави бидејки бил во куќен притвор и немал доверба во институциите, а подоцна стекнал доверба во премиерот и затоа задоцнил со пријавувањето. Како ја стекнал, гледајќи го на ТВ?
Согласно Кривичниот законик, и Орце Камчев би требало кривично да одговара за делото Давање награда за противзаконито влијание, но обвинителство одлучува дека нема да преземе кривично гонење против него, поради тоа што го пријавил делото. Од друга страна, Кривичниот законик вели дека „Ако делото е сторено по барање на лицето кое треба противзаконито да посредува, а сторителот го пријавил пред да биде откриено или пред да дознае дека е откриено, може да се ослободи од казна“. Тоа значи дека може да се ослободи од казна, но е и од вина, односно одговорност. Тој и понатаму е сторител на ова дело, а да не биде, би требало уште на самиот почеток на „играта“ да го пријави случајот.
Но, поради тоа што Законот за кривична постапка дава можност Јавниот обвинител да се откаже од гонењето, ако во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривично дело да го ослободи од казна и ако јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот оцени дека самата пресуда без кривична санкција не е потребна, во нашиот случај „Рекет“, јавниот обвинител по своја слободна оцена, одлучил дека нема да преземе кривично гонење.
Можеме да заклучиме, Орце Камчев давал поткуп, поточно награда за противзаконито влијание за да се прекине кривична постапка против него, но ослободен е од казна поради тоа што пријавил пред да биде откриен од надлежни институции дека давал поткуп, ослободен е и од кривичен прогон од јавниот обвинител, но ништо од тоа не го оспорува фактот дека Орце сторил уште едно кривично дело за кое, овој пат, очигледно нема да одговара и дека тој е ослободен од вина и одговорност токму врз основа на одредбите кои се однесуваат на делото Давање награда за противзаконито влијание.
Додека обвинителството одлучило дека не треба да се преземе кривично гонење на лицето Орце Камчев, ние, граѓаните, сами видовме од снимките дека не станува збор за рекет туку дека Орце најкомотно дава поткуп за да биде запрена кривичната постапка спрема него. Лице кое се товари за тешки криминали, лице кое дава поткуп додека е во домашен притвор и договара игри, лице кое дава снимки во други држави со цел да наштети на сопствената држава, не е лице кое треба да се ослободи од одговорност и да се награди поради тоа што „пријавил“.
И од каде знаеме дека го пријавил случајот пред да биде откриен? Можеби веќе некој знаел?
Во моментот знаеме каде е Боки, знаеме каде е Катица, знаеме и кој од што боледува, но останаа неодговорени неколку суштински прашања за нас граѓаните. Снимките од домот на Орце кои требаше да служат за доказ во постапка, протекоа во странски медиум, а никој не ни даде одговор на прашањата:
– Дали ЈО има сознанија кој ги дистрибуирал снимките во странскиот медиум?
– Што има преземено во врска со тоа?
– Снимките објавени во странскиот медиум се снимки од домот на Орце Камчев кои тој ги документирал и тој располагал со нив. Што е тоа што спречува одговорноста за дистрибуирање на снимки кои се доказ во оваа постапка, а се предадени во друга држава, да се бара директно од Орце Камчев?
Во неколку наврати ЈО изјави дека, заради доверливоста на постапката, не сака да изнесува детали околу случајот пред јавноста, додека дел од доказниот материјал се најде во странски весник. Дали лицето кое ги има предадено снимките на овој начин треба кривично да одговара и за кое дело?
Поточно би сакала да прашам: Дали јас, како обичен граѓанин, ако сакам да дадам поткуп некому „за да ми заврши работа“ и одлучам да го снимам лицето кое го поткупувам, па откако ќе ми ја завршат работата го пријавам на премиерот и снимките ги дадам дополнително на некој медиум за да има забава, нема да одговарам?
Симона М Живкова