Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ изрази сомнеж од страна на опозицијата, за начинот на пописот
Прво би почнал со вашата девиза за ова видување, „Попис: Статистика да, политика не“. Повторување статистички податоци за стратешки цели, да, статистички податоци за политички цели, не, вели Здравков.
Здравков вели дека никој не спори дека пописот е насушна потреба, и дека веќе дваесет години немаме попис, туку само еден обид во минатото, и ги изрази сомнежите на опозицијата околу начинот на спроведување на статистичката операција.
„20 години немаме попис, имаме еден обид пред 10 години и знаеме сите како заврши тој попис, да не навлегуваме во причините. Она што нас како луѓе и функционери и опозиција во државата не кочи и не прави сомничави е начинот на остварување на целата оваа постапка.
– Можеби вие како граѓанска иницијатива малку доцните со ваков настан, можеби требаше да дискутираме пред да се донесе овој закон. Можеби ќе имаше помали сомнежи, можеби ќе имаше решение за целата работа, вели Здравков.
Тоа што за опозицијата предизвикува сомнеж, за да биде поддржан од сите фактори, според Здравков, е злоупотребата на европското знаме и донесување закон по скратена постапка .
-Нешто за што нема јавна дебата, нема јавност меѓу граѓаните, нема јавност во собранието. Се донесува по скратена постапка небаре ни гори под нозете. Да, потреба е, но за ваква операција е потребен консензус, и политички, и човечки ,за сите да бидеме задоволни и да добиеме податоци кои ќе ни служат во иднината, за она што служи статистиката. Развојни цели во сите сегменти, здравствени, економски, демографски итн.
-Со собирањето 100.000 потписи се докажува дека колку и да е добра намерата за попис, толку е и голем и сомнежот. Не остваривме комуникација да најдеме заедничко решение, иако нудевме одредени исправки, или доработка на текстот на законот. Ниту еден амандман на опозицијата не беше прифатен, повторно сомнеж.
Здравков се осврна на спроведувањето на пописот во време на пандемија, заради што повторно има сомнеж од страна на опозицијата.
– Не помина и предлогот за онлајн попис, но ништо не се прифати. Како сега од тој аспект гледано, реакцијата на власта исто пројавува сомнеж дека нешто не е во ред. Пописот е потребен, никој од опозицијата не е повикан, ни на општинско ни на локално ниво не е повикан на бојкот.
Според Здравков, повикот од органите на СДСМ да се пријават како попишувачи исто така предизвикува сомнеж.
– Добро луѓе, сакаме ли да градиме доверба или не? Не знам во иднина како ќе стекнеме еден минимум доверба, да, ние сме комшии и пријатели, но на политичка сцена ние си немаме доверба. Дециден став никој не зазема став дека треба да бојкотира. Ако некој сака да го злоупотреби, нека му служи на честа а тоа во иднина ќе се покаже, изјави меѓу другото Здравков.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, на крајот на панелот порача:
-Сите се сложивме дека попис треба, и мора да има, второ, целите кои треба да се постигнат, и трето, апел до сите структури на извршувањето на овој попис. Очигледно е дека власта нема да го сопре пописот, и нема да го одложи… Апелирам за висока професионалност на сите структури во извршувањето на оваа сложена задача, од првиот, до последниот. Од комисиите, до попишувачите, до анализаторите, и до Државниот завод за статистика, да ја извршат својата задача на високо професионално ниво, да не подлегнуваат на политички притисоци, бидејќи не сме сите исти, и ќе има одредени притисоци врз самите попишувачи, врз самите институции кои треба да го спроведат пописот. Како граѓанин на оваа држава, ова е мојот апел до сите чинители во овој процес, да постапат високо професионално.
Д. Тахири/ И. Крџиќ
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Мелиса Муриќ