Владата на Република Северна Македонија апелира до пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од тој деструктивен начин на дејствување, бидејќи со тоа носат сериозни штети за граѓаните и за државата.
Блокирани се дел од мерките од четвртиот и петтиот пакет за кои се неопходни законски измени за да се реализираат решенијата за одржливост на економијата, за спас на работните места и спроведување на грижата за никој да не биде изоставен.
Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни до сега се насочени околу 1 милијарда и 300 милиони евра кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.
Опозициските пратеници треба да прифатат дека станува збор за исклучително чувствителен момент и дека имаат одговорност пред граѓаните да се надмине оваа ситуација со деблокада на собранискиот процес. Пратениците треба час поскоро да ги усвојат законските измени за да се стават во функција мерките од анти-ковид пакетите кои се од исклучително значење за граѓаните и за стопанството.Во иста ситуацијата се ставени и други законски решенија со блокади од стотици или илјадници амандмани како што се Законот за административни службеници, Законот за високо образование, Законот за внатрешни работи, Законот за работни односи, измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, Законот за културно наследство и Законот за јавен интерес во културата, Законот за Клинички центар.
Владата на Република Северна Македонија апелира собраниската говорница да биде место за дебати, идеи и конструктивни амандмани за најдобри законски решенија во интерес на народот и државата