Од исклучително значење за работниците и за нивните права е соработката меѓу најголемите синдикати, оцениле претседателите на Сојузот на синдикати на Македонија и на Конфедерацијата на слободни синдикати, Дарко Димовски и Благоја Ралповски.
На заедничката средба се разговарало за актуелните состојби и за проблемите со кои се соочуваат работниците при заштита на нивните права, како и за потребата од поголема ажурност на надлежните институции при заштита на работничките права.
Двата синдикати остануваат на барањата за усогласување на минималната плата и бараат доследна примена на членовите 2, 4 и 8 од Законот за минимална плата кои според нив се детектирани како проблематични при нивната примена и не се почитуваат од страна на работодавачите. Сметаат дека е потребно зголемување на минималната плата наместо нејзино усогласување.
Согласни се дека заедничкиот настап при подготовка на новиот закон за работни односи е исклучително важен.
На средбата присуствувале и претседателот на СОНК Јаким Неделков и претседателот на СРСВМ при ССМ, Миќо Стојановски.
извор: МИА