Во рамки на Текстилијада 3, денеска во Штип се одржа панел дискусија „Синдикално здружување во минатото и иднината“ во организација на „Гласен текстилец“. Учесниците говореа за унапредувањето на социјалниот дијалог во подобрување на правата на работниците и истакнување на позитивните примери од регионот, со отворање на прашањата дали ние можеме да земеме пример од Шведскиот синдикат, со кои проблеми се соочуваат работодавачите, дали синдикалното организирање е од заеднички интерес за работниците и работодавачите и што е тоа што треба да промениме за подобрување на состојбите во текстилната индустрија.
На панел дискусијата учествуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставници од Ханделс – Синдикат на трговски работници од Шведска, Марјан Ристески претседател на КСОМ, Сања Арсовска, претседателка на СКРМ, Ангел Димитров, претседател на Здружението на работодавачи, Ванчо Цонев работодавач во текстилна фабрика од Делчево и претставник од ССМ. Иако беше поканет на панелот, сепак не се појави претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
„Јас како министерка на самиот почеток се борев со репрезентативните синдикати за во дебатите за Законот и правата на работниците да ги вклучиме и нерепрезентативните синдикати и имав голем отпор. Но, сега конечно го надминавме тоа и сите страни се вклучени во дебатите, ја покачивме минималната плата, а сега дополнително преговараме за покачување на минималната плата и сите засегнати страни сме вклучени во процесот на преговарање, со цел да ја покачиме мини. Плата а да биде економска одржлива“, изјави Царовска во однос на социјалниот дијалог.
„Ја поздравувам министерката која навистина не вклучува во социјалниот дијалог, за разлика од претходно. Но, ние бараме тоа подобро законот да го регулира. Зошто ние до ден денес се соочуваме со отпор од репрезентативните синдикат, како тие да гледаат поголем противник во нас отколку во работодавачите“, истакна Марјан Ристевски од КСОМ.
Шведскиот синдикат „Хенделс“ е трет по големина и познат по нивната меѓународна присутност со цел да помогнат на синдикалното уредување во пошироки рамки.
„Се надеваме дека ќе бидеме од помош. Да работиме заедно и да се организираме е патот за успех. Кога немаме организирани работници тогаш имаме проблем. Сами не можеме да бидеме силни, но заедно можеме. Во Шведска ние се бориме за цврсти колективни договори. Вечерва ќе одржиме работилница за текстилните работници со цел да им кажеме повеќе за нашиот синдикат и да ги потсетиме дека заедно можеме повеќе. Нам ни требаа многу години за да станеме ваков голем и силен синдикат, се надевам дека на вас нема да ви треба толку долго време“, истакнаа претставниците на „Хенделс“.
„Јас имам информација дека одредена компанија користи бенефиции од државата, но тие бенефиции и средства не одат кај работниците. Не се почитуваат работниците ако им ја давате минималната плата, тоа е законска норма, туку работниците треба да се почитуваат навистина и да се третираат како наши сојузници. Ние работодавачите треба да најдеме храброст да ги посочиме оние кои навистина не ги почитуваат правата на работниците. Како што се потребни работни места така се потребни и работници задоволни и среќни“, изјави Цонев.
Насловот на овогодишната Текстилијадa е: “Позитивни примери од регионот – синдикати, организации и институции здружени за подобри работнички права”. Текстилијадата трае три дена и е дел од програмата „Организирани граѓани за организирана иднина“ со поддршка на Олоф Палме Центар и Шведската влада.
Симона М. Живкова