Универзалната декларација за човекови права (член 19) го гарантира основното право на пристап до информации од јавниот сектор. Во таа смисла, транспарентноста, претставува средство за подобрување на управувањето со јавниот сектор. Освен Универзалната декларација, оваа материја се регулира со бројни меѓународни правни норми и стандарди, а се дел и од националните законодавства на најголем дел од земјите членки на Обединетите нации.
Транспарентноста го зајакнува гласот на граѓаните, помагајќи им да влијаат врз донесувањето на одлуки директно, преку нивните избраници во парламентот и преку политичките процеси. Создавањето на информации со кои се прикажуваат намерите, активностите и последиците врз јавниот сектор е, исто така, неопходно, но не доволно за постигнување на задоволително ниво на транспарентност и одговорност. Во тој контекст, транспарентноста за работата на државните институции е неопходна и во смисла на потребите и можностите граѓан(к)ите да ги повикаат институциите на одговорност.
Транспарентноста е важен елемент за ефективно управување со јавните ресурси, помага во градењето на доверба на јавноста во работењето на јавните институции и придонесува за одржливост во спроведувањето на јавните политики.
Транспарентноста има две различни димензии. Првата димензија е пристап до информации поврзани со процесите и процедурите врз основа на кои јавниот сектор презема и спроведува одлуки. Втората претставува пристап до информации во сопственост на јавниот сектор.
За граѓан(к)ите е важен фактот дека повисоко ниво на транспарентност може да се постигне само преку граѓанското учество во донесувањето на одлуки и креирањето на јавните политики. Затоа, ако сакаме транспарентни и одговорни институции, тогаш ние како граѓани мора активно да се вклучиме и да бидеме општествено одговорни граѓани.
Маја Ивановска