Во штипскиот Дом на млади од утре стартува второто издание на меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“ каде публиката ќе може да проследи осум претстави и промоција на книги посветени на театарот.
Директорот на Дом на млади – Штип, Горан Трајков, на денешната прес-конференција информира дека фестивалот ќе почне со претставата „Јустинијан Први“ во 20 часот.
-Новина е што се продлабочува соработката меѓу локалните и национални институции од областа на културата во Штип. До 16 ноември публиката претставите ќе може да ги виде на сцените во Дом на млади, Народниот театар Штип, Центарот за култура „Ацо Шопов“ и во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“, а промоциите на книгите ќе бидат во Библиотеката „Гоце Делчев“, вели Трајков.
Годинава фестивалот доби финансиска поддршка од Општина Штип и од Министерството за култура.
Дом на млади од утре стартува и со „Астибо џез фестивалот“, што ќе трае до 7 ноември, настапите на музичките групи почнуваат од 22 часот, а во рамките на фестивалот предвидена е и работилница.
Извор: МИА