Викторијан и Душица Муцунски се млад брачен пар. Урбани млади луѓе од урбаното Скопје. Град во кој Викторијан се родил пред 23 години, додека потеклото на Душица е од Делчево. Пред една година тие донеле една, за наши прилики, многу неверојатна одлука дека ќе ја напуштат метрополата за која сонуваат најголем број млади во државата и дека семејното гнездо ќе го преселат во Берово, во малиот град на истокот од државата од каде што многумина се иселија. Викторијан дипломирал на Факултетот по туризам и економија, неговата сопруга Душица е магистер по право.Нивната сторија, како што ја пренесува Независен.мк, се заснова на една смела одлука во наше време, на млади луѓе, да побегнат од Скопје, во кое сите гледаат поголеми можности, да се преселат во Берово, да ги напуштат добрите работни места, со цел подобри услови и поздрава животна средина за нивниот пет месечен син.
„’Виновник’ за сето ова е мојот дедо Слободан кој секој викенд ме носеше во своето родно Берово и ми ги промовираше убавините на животот во мало место. Подоцна и самиот сфатив дека менталитетот на луѓето во Скопје и во Берово е многу поразличен, тука секој ти подава рака и во миг ти станува пријател, што не е случај во главниот град. Одлуката за преселба ја забрза и лошиот квалитет на живот во Скопје, загадениот воздух, проблемите во сообраќајот. Кога таму имаше епидемија од морбили, во Берово немаше ниту еден таков случај, во голем град има и повеќе насилство, а во Берово такво нешто нема. Тука е и најважниот факт што ние имаме петмесечен син чие растење во здрава животна средина ни е најважно“, појаснува Викторијан.
Викторијан сега работи како менаџер на познатиот хотел „Манастир“ кој е на нивната фамилија, а Душица засега се грижи за синчето. Тие имале убава работа и во Скопје, но одлучиле дека тоа не е нивна опција.
Целата сторија на следниот ЛИНК.