Поранешните работници на „Охис“ секој вторник и петок се на улиците на Скопје, каде бараат да ги добијат 24-те заостанати плати, обврска уште од 2008, 2012 и 2013 година. Тие, под водство на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), секој протест го започнуваат пред зградата на ССМ, во 8 часот.
На 25 октомври работниците беа примени од советниците на Заев и Анѓушев, средба по која еден од работниците изјави дека нивните барања ќе одат до Министерство за финансии, каде постои комисија која ќе решава за овој проблем.
На денешниот протест еден од граѓаните ни раскажа за тоа дека разговарале со луѓе од власта, но дека сè уште не е решен проблемот.
„На некои од работниците им исплатија дел, на нас еве сè уште не. Разговаравме, ама само нè „вртат“, уште нема ништо“, изјави еден од работниците од Охис.
И на претходните протести, работниците велеа дека на нивните повици слабо се одговара, дека едно им се зборува, а дека друго се прави.
Иако работниците се на протест секој вторник и петок на улиците, овој проблем не е доволно атрактивен за медиумите.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, уште на почетокот на летово изјави дека ќе направат сè што е во нивна надлежност да им помогнат на работниците, дека сите материјали се предадени на надлежните институции и доколку се утврдат неправилности ќе направат сè за да ги заштитат работничките права, но, и по неколку месеци, работниците се сè уште на улица.
„Охис” пропадна, но дел од имотот на македонскиот хемиски индустриски гигант се продаваше подолго време. Парите од продажбата на дел од објектите отишле некаде, но не и за плати на луѓето што ги заработиле со својот труд.
текст и фотографија: Ангела Петровска
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА