Основното јавно обвинителство Скопје со решение ја отфрлило иницијативата за поведување постапка за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Никола Јанкуловски.
По спроведена предистражна постапка, надлежен јавен обвинител констатирал дека нема основано сомнение дека пријавениот ги сторил кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата како и Несовесно работење во службата.
Во иницијативата за поведување постапка за кривично гонење било наведено дека пријавениот професор, како службено лице – ректор на Универзитетот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, а на штета на Буџетот, не го ставил во мирување својот работен однос во ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија за време на извршувањето на ректорската должност. На овој начин, тој во периодот од 15.09.2016 година прибавил за себе имотна корист во износ од 2.450.000 денари по основ на плата од работен однос кој бил должен да побара да му биде ставен во мирување.
Заради проверка на наводите во пријавата, јавниот обвинител ја прибрал целокупната материјална документација и сослушал повеќе лица. Од анализата на материјалните и вербалните докази во предметот произлегло дека пријавениот професор е во редовен работен однос со ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија во својство на професор-здравствен работник, каде што ги остварува сите права по основ на плата, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Во исто време тој е и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што извршува научна и едукативна дејност. По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот Сенат, тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата.
Од вербалните факти – исказите на сведоците, произлегло дека во целата досегашна практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сите досегашни ректори имале склучено вакви договори со кои се регулирале нивите права и обврски и тие договори биле во целост почитувани и исполнети.
Како резултат на ова, надлежниот јавен обвинител оценил дека во конкретниот предмет не постои основ за поведување кривична постапка.