ЦИВИЛ Медиа разговараше со претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, за претстојните предвремени парламентарни избори и за тоа дали оваа институција (ќе) има капацитет да ги спроведе истите.
Деркоски за тоа вели дека ДИК е орган кој треба да организира и спроведе избори и дека нивниот став во оваа ситуација не е толку важен, бидејќи, кога Парламентот ќе донесе одлука за распуштање на Собранието, тие имаат законски рокови за организација и спроведување на тие избори и ќе мораат да ги спроведат.
Капацитетот на ДИК го покажавме во минатиот изборен циклус како за претседателските избори и за референдумот, со овој состав на комисија. Јас морам да напоменам дека ќе ни треба помош од дополнителен административен капацитет, затоа што во меѓувреме изгубивме повеќе од десетина вработени, некои се преместија, некои си заминаа или се пензионираа, на неколку места сме „ослабнати“ и ќе мора да ги надополниме тие позиции и места. Тоа е она што во моментов ни недостига, но, сметам дека сите се свесни дека мора тоа да го направиме и дека нема да имаме проблеми. Во меѓувреме, во изборните циклуси, ние ги подготвивме актите за систематизација на работните места на ДИК и сега сме во фаза на нивно усвојување и подготвени сме да го направиме она што треба да се подобри капацитетот на комисијата , изјави Деркоски.
Во однос на напорите за формирање на една изборна единица, Деркоски вели дека ДИК не може да има став за тоа прашање, бидејќи тие ги спроведуваат изборите и дека нивниот став не е воопшто важен. Тој додава дека каква и да е одлуката на политичките фактори кои во Собранието на државата ќе донесат одлука, тие ќе мораат да ја почитуваат.
Промената на изборниот модел секако дека носи одредени пореметувања во организација и спроведување на изборите и затоа има некои стандарди кои се пропишани од ОБСЕ и ОДИХР дека таквите промени на изборен модел не треба да се прават најмалку година дена пред избори и треба да се води сметка за тоа. Иако ние би можеле сепак да се прилагодиме на новонастаната ситуација, сепак ќе има одредени поместувања во смисла на организација и спроведување на изборите. Одлуката сепак останува на политичките фактори кои го носат практично теретот на организација и спроведување на избори и моделот на изборите , додава Деркоски.
новинар: Дехран Муратов
обработка на текст: Ангела Петровска
камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА