ЦИВИЛ денеска одржа прес конференција на која се презентираше извонредно динамичната програма на активности и настани поврзани со човековите права и слободи, а по повод 20-годишнината од основањето на организацијата. Без коктели и забави, туку работно, како и секогаш, со конференции, јавни настапи и ангажирани мултимедијални културни настани, ЦИВИЛ ќе го одбележи јубилејот. Настаните на оваа организација, како и секогаш, се дестинација за сите свесни и активни граѓанки и граѓани кои имаат енергија, волја и потреба да се вклучат во справувањето со предизвиците во нашето општество и поддршката на демократските процеси и евроинтеграцијата.
На прес конференцијата, претседателот на ЦИВИЛ одговори и на други прашања на бројните новинарски екипи, а кои се однесуваат на актуелни настани и изјави.
ЦИВИЛ е основан на 25 ноември 1999 година како изворна организација, од македонски граѓанки и граѓани. Во моментов, организацијата брои околу 400 членови.
Програмата на ЦИВИЛ во наредните две недели вклучува една голема конференција на 29 ноември, посветена на граѓанското општество „Меѓу стремежите и реалноста“, панел дискусија „Рампа“ по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, мултимедијален ангажиран Фестивал на слободата, на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права и низа други активности.
ЦИВИЛ Тим за комуникации