Не знам кој по ред протест против режимот беше, но сигурно беше јуни, 2016 година. Бев во поворката од неколку илјади луѓе кога ми се обрати еден млад човек: „Се извинувам, вие од ЦИВИЛ бевте?“
„Да“, му велам, „од ЦИВИЛ сум.“ И во шега го прашав: „А ти, од каде си?“
Подзастана, кратко погледна во мојот беџ и ми рече: „И јас сум од ЦИВИЛ“. Се насмеавме заедно. Тој не знае колку ми значеше тоа во тој миг и колку ми значи тоа сега. И кога другарот Димче од Велес, во една прилика, на Фејсбук напиша: „Горди сме што сме ЦИВИЛ“… И безбројните пораки и изрази на поддршка од десетиците илјади граѓанки и граѓани што ги сретнав сите овие години, мене и на моите другарки и другари ни беа и ни останаа единствено погонско гориво за сѐ што правиме.
Добро, имало и поинакви случки. Кога еден таксист, среде Шарената, ме праша каде работам, јас гордо му одговорив дека сум од ЦИВИЛ. „Што ќе праиш, мора нешто да се работи“ – ми одговори тој. Сакав да му кажам дека ЦИВИЛ не е работа, туку начин на живот и начин на борба, но веќе стасавме на одредиштето, а од зад таксито веќе имаше нервозни возачи што легнаа на трубите. Излегов на улица и продолжив со мојот, нашиот, начин на живот. Толку за ЦИВИЛ. Навистина, по дваесет години постоење и напорна работа, по толку борби, успеси и неуспеси, можете само да продолжите со борбата, а не да се вртите наназад и да зборувате.
Затоа, сакам овде, без должење, да се обидам да одговорам три прашања, за помалку од две минути, колку што се потребни да се прочита ова обраќање.
ПОСТИГНУВАЊА: Од постигнувањата на граѓанското општество сакам да издвојам само неколку: уривањето на еден режим, како незаборавно, историско будење на општеството. Тука се и сите промени, од малите соседства, села и градови, до целата земја. Помалите и поголемите хуманитарни акции, изработката на законите, борбата за работничките права, за човековите права и слободи, за слободата на изразувањето, за европските и зелените вредности, за сѐ што им значи на луѓето да имаат подостоинствен живот и посреќно детство и младост на генерациите што растат и ќе ја водат оваа земја кон европската иднина.
ПРЕДИЗВИЦИ: Предизвиците се веќе познати. Граѓанското општество не е имуно на политизација и пенетрација на назадните, деструктивните, националистичките, па и криминалните структури во земјата. Ги гледаме и ги препознаваме. Потребни ни се повеќе искреност, самокритика и гласност, да се справиме со предизвиците во овој преломен миг за Република Северна Македонија. Уште еден, огромен предизвик е пред нас, а тоа се лажните вести и говорот на омразата, кои се главното оружје на центрите на моќта кои не сакаат да ја видат македонската иднина во Европа и во развиениот демократски свет.
ПЕРСПЕКТИВИТЕ: Тие се европски. Сѐ друго ќе значи мрак, поделби, насилство и распад. Пред граѓанското општество сега е предизвикот да се врати Македонија од мрачното минато на лаги, поделби и насилство во европската сегашност и иднина.
Убеден сум дека граѓанското општество и огромното мнозинство македонски граѓанки и граѓани, заедно ќе се соочат со тешките задачи што се пред нас, храбро, искрено и достоинствено. Бидејќи, граѓанското општество – тоа сме сите ние.