пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Неспорен факт број 1, драги мои: Годинава во Скопје имаме најмало загадување на воздухот во споредба со минатите години.
Неспорен факт број 2: Најмалото загадување се должи пред се на поинаквите температури, временски и климатски услови годинава во споредба со минатите години.
Неспорен факт број 3: Лажат оние што врескаат дека годинава е историско загадувањето, како што би лажел секој што ќе рече дека најмалото загадување во последниве неколку години е пред се резултат на мерки, а не на природа.
Неспорен факт број 4: Ниту една краткорочна мерка не може магично да го исчисти воздухот (што некои го бараат „итно“ од власта), а резултатите на долгорочните мерки ќе ги видиме допрва, за неколку години.
Во меѓувреме, што ни останува, да врескаме на Фејсбук секој пат кога мерачите ќе отидат во црвено?
Дајте луѓе помалку „алуминиум“, а повеќе да зборуваме за реалното, за тоа што можеме да почнеме да го правиме сега за после 10-20 години да имаме почист воздух. Лагите за историска загаденост, инаетењето со утопистички мерки од страна на некои активисти или пак задоволувањето на јавноста со брзи несистемски мерки – ништо од ова не е решение, туку само шум, дополнителна врева од која не стигаме да разговараме за вистински, суштински, долгорочни решенија.
Ги знаеме главните загадувачи. Фабрики, греење, возила итн… Но се што правиме за адресирање на проблемите, иако никако не е безначајно, не е „големо“. Не слушнав некој да зборува за изградба на некој посериозен капацитет во кој би се инвестирале десетици милиони евра. Кога веќе имавме многу повеќе за стиропорот и гипсот на Скопје 2014.
На пример, Швеѓаните ја користат отпадната вода за да направат од неа питка вода а од „остатоците“ да прават гориво за централно греење. Зошто не размислуваме во таква, авангардна насока? Светот е појден напред, решенија има, се скапи, но што е поскапо од она што веќе го плативме, а не труеше со години? Секако, такви системи не се градат за година две, но се општествено поисплатливи од било која странска инвестиција.
Но, за да дојдеме до ваква дискусија, треба да дојдеме до јавност во која, кога портпаролот на МВРО ќе излаже дека годинава има историски најголемо загадување, повеќето медиуми (уште веднаш дури) ќе го соочат со аргументи и ќе ја кажат вистината – дека излажал. А не само да ја пренесат неговата лага, демек, они не одговараат за тоа што некој друг лажел. Но забораваат дека имаат морална, етичка и професионална одговорност – оти овозможуваат простор за ширење лаги, без изнесеното да го проверат и на јавноста да и го кажат најважното – вистината.
Значи, прво чистење на „алуминиумот“ од нашиот воздух. За да добиеме шанса многу посериозно да дебатираме и да притискаме за одржливи, долгорочни решенија.
#ZaCistVozduhPrvoDaSeIscistiAluminiumot
#AluminiumOverMaximum
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.