Денеска во Штип, во присуство на министерката за труд и социјална политика Царовска, градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски и претседателот на Републичкиот центар „Порака” Чедомир Трајковски, започна со работа нов Дневен центар за лица со интелектуална попреченост постари од 18 години.
Центарот има капацитет од 20 лица, а во моментот го посетуваат 15 корисници кои добиваат дневно згрижување, стручна работа, рехабилитација и сл.
Министерката Царовска истакна дека Дневниот центар во Штип е одличен пример за соработка меѓу граѓанска организација, локална самоуправа и централна власт.
“Дневните центри коишто изминатиот период ги отворивме низ цела држава значат многу во локaлната заедница затоа што тие помагаат во исполнувањето на одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, кои се однесуваат на правото на самостојно живеење, лична мобилност, пристап до образование, здравствена заштита, рехабилитација и вработување. Развојот на ваквиот вид услуги на локално ниво ги следат индивидуалните потреби на секое дете и лице со попреченост и на нивните семејства. Овие сервиси се мост до другите системи на поддршка. Само така, можеме да обезбедиме целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството“, рече Царовска.
Просторот на центарот е обезбеден од општината, а набавката на опремата со дополнителна опрема и дидактички средства се планирани од МТСП за 2020 година.
Отворањето на Дневниот центар е дел од стратегијата на МТСП за воспоставување и развој на социјални услуги на локално ниво. Тоа овозможува подобри услови за развој на потенцијалот на лицата со попреченост и нивно рамноправно учество во заедницата и во општеството и претставува најдобра превенција од институционализација.