ЦИВИЛ влегува во новата 2020 година со вообичаеното, вртоглаво интензивно темпо на активности. На самиот почеток на годината, меѓу многубројните активности, ги издвојуваме секогаш интересните семинари посветени на транспарентните и одговорни политички процеси, со кои се поттикнуваат активизмот, граѓанското учество и граѓанското новинарство.
Семинарите на ЦИВИЛ кои се дел од проектот „Граѓански објектив“, претставуваат можност за граѓанките и граѓаните да се запознаат со основите на човековите права, како и да се стекнат со вештините на мониторингот и новинарското известување. Со активно учество и подобрување на вештините, секој може да придонесе кон транспарентноста и одговорноста во политичките процеси.
Семинарите на ЦИВИЛ се одлична можност за воспоставување на соработка со ЦИВИЛ, а во пресрет на изборните процеси, тие се најважната етапа да се стане дел од мониторинг тимовите на организацијата.
ЦИВИЛ, како и сите претходни изборни процеси од 2008 година наваму, ќе го мониторира спроведувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Доколку сакате да станете кандидат за мониторинг тимот, сè што е потребно е да се пополни пријавата за учество на некој од семинарите кои ЦИВИЛ ќе ги организира во наредниот период.
Првиот семинар од 2020 година ќе се одржи на 25 јануари во Гостивар, а право на учество ќе имаат граѓанките и граѓаните од Полошкиот плански регион.
Апликација за учество на регионален семинар „Граѓански објектив“ во Гостивар
Вториот, пак, ќе се одржи на 8 февруари во Струмица, овој семинар е наменет за граѓанките и граѓаните на Југоисточниот плански регион.
Право на учество на семинарот во Струмица ќе имаат граѓанките и граѓаните на општините Струмица, Василево, Босилево, Ново Село, Конче, Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија.
Во период на политички превирања, кога низ државата сè почесто има протести, говор на омраза, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон зачувување на мирот и зајакнување на демократските процеси. Како што знаат ЦИВИЛите да кажат:
Граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството што известува без страв и без услуги.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, како и своите досегашни учесници и соработници од семинарите за граѓанско новинарство, како и сите заинтересирани за мониторинг на изборните процеси да фотографираат, снимаат и забележуваат.
Промената е во вашите раце! – повикуваат од ЦИВИЛ.
Преку граѓанското новинарство, граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно.
ЦИВИЛ тим за комуникации