Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) соопшти дека 2019 година ја заокружува со рекордна реализација од 99,97 отсто на предвидениот буџет наменет за финансирање на домашните компании и останатите корисници на средства од инструментите на Фондот.
Кон домашните компании исплатени се 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти, а средствата се обезбедени од Буџетот на Владата и од Светската банка.
– Со овие средства, како и сопствените пари што компаниите ги уплаќаат на наменски сметки, вкупниот обем на реализарани средства преку проектите на ФИТР за 2019 година надминува 1 милијарда денари, велат од ФИТР.
Дополнително, исплатени се над 12,6 милиони денари за проекти во делот на образованието, заштитата на животната средина и примената на иновациите во јавниот сектор.
Од Фондот информираат дека во целост е реализирана предвидената програма за нови јавни повици и обезбедување на поддршка за инвестициски проекти во економијата. Така, 100 проценти се искористени предвидените 12,5 милиони евра за комерцијализација на иновации, а во тек се јавните повици за поддршка на технолошкиот развој и стартап компании, за што средства се обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2019г.
Заклучно со декември, склучени се или во фаза на склучување се договори за кофинансирање на 320 компании и 54 основни и средни училишта. Вкупниот обем на инвестиции кај домашните компании е во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании. На овие проекти има директно ангажирани 769 лица, од кои 360 се новоотворени работни места, со просечна плата од 700 евра.
– Првичните анализи на работењето на дел од компаниите чија реализација на проектите е во понапредна фаза, покажуваат дека по поддршката од Фондот приходите им пораснале за 50 отсто, а нето добивката пораснала за 64 отсто. Зголемен е и бројот на вработени за 27 отсто, а забележан е и пораст од 40 отсто кај просечната месечна плата исплатена во овие компании, велат од ФИТР.
Во годината што измина, Фондот воведе и повеќе новини со цел да се поедностави постапката за аплицирање. Воведена е и таканаречената „fast track“ што значи дека компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.
Според Фондот, со ова од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.
– Скратената постапка веќе почна да се применува од декември со јавните повици за „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ со вкупен буџет од 1.500. 000 евра. Апликациите се отворени до 5 февруари за технолошки развој и до 25 февруари за стартап компании, посочуваат од ФИТР.
Фондот ја стартуваше и кампањата „Создаваме успешни приказни“ чија цел е да се презентираат кофинансираните проекти и постигнатите резултати преку личните приказни на корисниците.