– Дали планирате да се откажете од граѓанските активности доколку ве вработиме?
– Не.
– Меѓутоа, би требало да го направите тоа.
– Јас не мислам така.
– Дали сте мажена и дали имате деца?
– Не би требало да ми ги поставувате овие прашања на интервју за работа…
Молк… Јас решавам да продолжам:
– Да бидам граѓански активист, да се борам за правата, за правдата, да го дигнам мојот глас против сѐ што не чини во ова оштетено општество и да работам напорно на создавање на култура во која секој ќе се грижи за секого е моја граѓанска должност и секако дека ќе го правам ова секогаш кога ќе треба, а тоа воопшто нема никаква поврзаност со работата која дојдов да ја барам. Во однос на прашањето за мојот брачен и семеен статус, како да ви кажам… Можеби не планирам семејство, можеби сакам девојки, можеби сакам мачки, но тоа не ме прави добар или лош работник и тоа нема апсолутно никаква поврзаност со мојата способност или неспособност да ја вршам работата.
*
Кога ќе го читате овој текст, верувам дека некаде во прашањата секој од вас ќе се сети на иста или слична ситуација низ која поминал. Можеби не сте ни забележале дека ви поставуваат прашања што се забранети со закон, прашања кои немаат апсолутно никаква поврзаност со работата која би требало да ја работите… И сте одговориле. Па врз основа на тоа, работодавачот извршил директна дискриминација при вработувањето можеби спрема вас, а можеби спрема другите кандидати.
Можеби работодавачот смета дека, доколку сте во брак, вие сте сериозна личност и посериозно ќе ја вршите работата од останатите кандидати кои не се во брак, па ќе имате вие предност при вработувањето. Можеби смета дека, доколку сте во брак и имате деца, ќе бидете почесто отсутни од работа поради обврски околу децата, настинки, училиште… па повеќе ќе му одговара да вработи некој без такви обврски, со што вие веднаш отпаѓате од листата за вработување… Ова не смее да биде вака и вие можете да го спречите!
За жал, голем дел од работодавачите безобѕирно си дозволуваат да навлегуваат во приватната сфера на потенцијалните кандидатки за вработување или вработените во компанијата. Се случува да се пуштат и списоци на кои треба да се потпишат сите жени во рана бременост, а потоа сите тие добиле отказ. Затоа, драги жени, мора да знаете, немате никаква обврска на работодавачот да му одговарате на прашања во врска со вашиот интимен живот и планирања.
Единствено нешто што може да бара работодавачот од потенцијалните кандидати за вработување е доказ за исполнување на бараните услови за вршење на работата и ништо повеќе што не е во непосредна врска со работата која би требало да ја работите. Не смее да ви поставува прашања за вашиот брачен и смееен статус или планирање на семејство. Можеби не можете да му забраните, но можете да не му одговорите и да го задржите тој дел од вашиот живот за себе и за оние со кои вие би сакале да зборувате за тоа.
Со оглед на тоа дека сите секојдневно некако се трудиме да преживееме, а доколку не си член на политичка партија и не си вметнат таму некаде во списокот за вработување, би било чудо да најдеш работа што одговара на твојот професионален профил. А кога ќе се појави таква прилика и ќе те викнат на интервју каде што треба да оставиш впечаток, малку е тешко да одговориш на истиот начин на прашањата погоре… Но, кога веќе тонеме, вработени или невработени, барем да потонеме достоинствено и солидарно!
Симона М Живкова