Гасификацијата денес се реализира со повеќе од 83 проценти од планираното за годинава, одговори премиерот Зоран Заев денеска на пратенички прашања во Собранието.
Тој информираше дека се работат двата главни коридора, коридорот Неготинo – Кавадарци и Прилеп – Битола и другиот, покрај Скопје, Tетово – Гостивар, а се извршуваат постапките за експропријација на Гостивар – Кичево.
„Сите општини добија налог, замолница, да ги работат главните проекти, така и градот Скопје, за гасификацијата. Од поголемите градови, повеќе од 50 проценти веќе имаат изработено главни проекти, очекуваме да завршат општините од Градот Скопје. Дел имаат завршено, Чаир на пример, со конечна цел да се отвори дебата на готова проектна документација, кој е моделот што ќе се спроведе во Скопје и во другите градови. Гасифицирани градови, коишто имаат пуштено цевка во државата се Струмица и Куманово“ рече Заев.
Тој соопшти дека методите за гасификација се: сопствени пари од буџетите на општините, тие да се задолжат како општини, државата да земе кредит да им помогне, или по пат на концесии и јавни партнерства, како и за интерес од повеќе светски компании коишто работат во оваа област.
„Очекувам дека 2020 година ќе почне изградба на секундарни и терцијарни гасоводни системи, барем во поголемите десетина градови во државата, согласно одлуките на општините, како надлежни за нив“, рече Заев.
Извор: МЕТА