Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, почнал процедура за преземање на Синиша Алексовски, контроверзниот екс советник на претседателот Ѓорге Иванов, од Агенцијата за разузнавање (АР) во МВР. Трансферот засега не е реализиран зашто заглавил во правните процедури предвидени за преодната влада, пренесува 360 степени.
За нив, информацијата ја потврдиле од Агенцијата за разузнавање, а од МВР не добиле никаков одговор. Како што објаснуваат, името на спорниот Синиша Алексовски се јавува во контекст на настаните од 27 април 2017.
„Името на Синиша Алексовски беше споменато од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во контекст на крвавите настави во Собранието на 27 април 2017 година. Живаљевиќ изјави дека бил присутен во парламентот на 27 април со дозвола од кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот, Синиша Алексовски“, информира „360 степени“
Алексовски беше споменат и во судењето за „27 април“ од обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, кои во своја одбрана пред судот кажаа дека им било пренесено дека Синиша Алексоски, советник за национална безбедност на Иванов, кажал дека ноќта на 27 април, во 22 часот, ќе биде прогласена воена состојба.
По исказот на браќата Младеновски, Алексоски, преку соопштение од кабинетот на Иванов, кажа дека сведочењата се конструкции на лаги, непостоечки комуникации, рекла-казала муабети и дека доколку обвинетите знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба не би биле предмет на манипулација.