Бесплатна правна помош е правна помош одобрена и финансирана од страна на државата која се обезбедува за граѓани кои се со незавидна финансиска положба.
Бесплатна правна помош може да биде дадена како примарна правна помош и секундарна правна помош. Примарна правна помош се дава од страна на овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника. Секундарна правна помош даваат адвокати во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања.
Средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош се обезбедуваат од буџетот на Министерството, како и од донации и други приходи во согласност со закон.
Право на примарна правна помош имаат сите физички лица кои имаат живеалиште или престојувалиште на територија на Република Северна Македонија.
Примарна правна помош опфаќа:
иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош,општа правна информација,
општ правен совет,
помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош,
помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено
осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство;
постапка за упис во матична книга на родени; стекнување содокументи за лична идентификација и државјанство,
составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Секундарна правна помош се одобрува на лице кое има потреба од стручна правна помош од адвокат за конкретна правна работа и кое не е во можност да ги плати трошоците на постапката заради неговата финансиска состојба и чие барање е оправдано.
Секундарна правна помош опфаќа застапување во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања , како и ослободување од трошоците.
Право да поднесе барање за секундарна правна помош има: лице државјанин на Република Северна Македонија со постојано живеалиште во Република Северна Македонија, странски државјанин со дозвола за привремен или постојан престој во Република Северна Македонија или лице без државјанство кое законски престојува во Република Северна Македонија, лице кое има право на правна помош обезбедена од Република Северна Македонија согласно меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и баратели на правото на азил.